Меѓународно испитување покажа дека трансплантација на матични клетки може да донесе големи позитивни промени за многу заболени од мултиплекс склероза, изјавија лекарите кои учествуваа во таа анализа.
Резултатите од меѓународното испитување покажуваат дека таа трансплантација може да ја сопре болеста и ги ублажи симптомите, пренесува BBC.
Процедурата се состои во тоа да се уништи имуниот систем на пациентот со помош на лекови за рак и системот потоа повторно да се подигне со помош на трансплантација со матични клетки.
Нешто повеќе од 100 пациенти учествуваа во испитување во болниците во Чикаго, САД, Шефилд во Британија, Упсала во Шведска и Сао Паоло во Бразил. Сите тие имаат мултиплекс склероза со поместување на периодот на враќање на болеста и долготрајно повлекување на знаците на заболувањето, односно ремисија.
Привремените резултати се објавени на годишниот состанок на Европското друштво за трансплантација на коски и коскена срцевина во Лисабон.
Во испитувањето пациентите добиваа или терапија со лекови или трансплантација со матични клетки преку терапија HSCT. Пациентите во групата која примаше трансплантирани матични клетки забележаа намлување на онеспособувањето, додека симптомите се влошија во другата група.
По една година забележан е само еден случај на враќање на болеста во групата која е третирана со матични клетки во споредба со 39 од другата група која примаше лекови.
По следењето на пациентите во просек од три години, трансплантацијата не успеа кај три од 52 пациенти (шест проценти), во споредба со 30 од 50 пациенти (60 проценти) од контролната група која е третирана со лекови, пренесува BBC.
Професорот Ричард Берт, водечкиот истражувач на универзитетот Нортвестерн во Чикаго рече за BBC дека податоците се "зачудувачки" во прилог на трансплантациите во однос на најдобрите расположливи лекови.
"Невролошката заедница беше скептична околу овие терпаии, но овие резултати ќе го променат тоа", рече Берт.
Во третманот се користи хемотерапија да се уништи оштетениот имун систем и потоа матичните клетки земени од крвта и коскената срцевина на пациентот повторно се уфрлуваат. Овие клетки не се погодени од мултиплекс склероза и тие повторно го градат имуниот систем на пациентот.
Професорот Базил Шарок, Невролог во болницата Ројал Холамшир рече дека истражувањата се сеуште во преодна фаза, но ако тоа се земе во предвид, дека ова е најдобриот резултат кој го видел во било кое испитување за мултиплекс склероза.
Лекарите укажуваат дека овој третман не одговара кај сите пациенти со мултиплекс склероза и дека процесот може да биде тежок, вклучувајќи ја хемотерапијата и неколку неделна изолација во болниците.
Докторката Сузана Колхилхас рече дека трансплантацијата со матични клетки HSCT наскоро ќе биде признаена како воспоставен третман во Англија и дека тогаш приоритет ќе биде да се осигура дека пациентите на кои тоа може да им помогне, да ја добијат таа терпија.
Мултиплекс склероза е хроночна воспалителна болест на централниот нервен систем, а се проценува дека од неа во Европа боледуваат околу 700.000 луѓе, од кои околу 75 проценти се жени.
Во Македонија од мултиплекс склероза боледуваат околу 1.500 луѓе.